- 10/19/2025
Во рамки на активностите на Македонска асоцијација за реконструктивна микрохирургија (МАРМ), се одржа едукативен панел во рамките на Третиот Интернационален Конгрес на студенти, посветен на темата „Multidisciplinary approach of Breast Cancer“, организиран во текот на октомври – Месецот за подигнување на свеста за карцином на дојка.
Панел-дискусијата ги обедини експертите од повеќе медицински дисциплини, кои од своите професионални перспективи ја истакнаа клучната улога на тимската и координирана грижа во третманот на пациентките со карцином на дојка.
- Софија Пејкова, MD, PhD – Универзитетска клиника за пластична и реконструктивна хирургија
- Магдалена Богдановска Тодоровска, MD, PhD – Институт за патологија
- Валентина Бојовска, MD – Универзитетска клиника за онкологија
- Наташа Толеска, MD – Универзитетска клиника за торакална и васкуларна хирургија
Преку отворена и динамична дискусија, панелистите ја нагласија важноста на мултидисциплинарниот пристапкако основа за донесување оптимални клинички одлуки и обезбедување најдобри можни исходи за пациентите. Посебен акцент беше ставен на фактот дека секој пациент заслужува индивидуализиран план за третман, прилагоден на неговите специфични клинички и лични потреби.
Настанот беше одбележан со одлична интеракција и активно учество на студентите, кои со своите прашања и коментари придонесоа за квалитетна, продлабочена и инспиративна размена на знаење.
Сесијата заврши со силна и значајна порака од Jaume Masià, еден од водечките светски експерти во хирургијата на дојка:
„Октомври е месец за подигнување на свеста за карцином на дојка, но пораката треба да биде присутна со нас секој ден во годината.“
Со ваквите настани, МАРМ продолжува да ја потврдува својата посветеност на континуирана медицинска едукација, интердисциплинарна соработка и унапредување на грижата за пациентите, со фокус на современи, хумани и индивидуализирани пристапи во медицината.

